Rss

In Memoriam

Проф. д-р Александар Наумовски (1946-2017)

slika

Претставува голема одговорност, но пред сè чест, да се подготват и напишат неколку страници текст во кои треба да се опфати животот и работниот век на проф. д-р сци. Александар Наумовски.
Плодните активности во севкупната научна, наставна и општествена дејност на професорот Александар Наумовски се одликуваат со неизбришлива трага во развојот на македонската спортска наука и струка, во крајот на дваесеттиот и почетокот на дваесет и првиот век. Улогата на професорот Наумовски во основањето на првата македонска високообразовна институција од областа на спортските науки, Факултетот за физичка култура на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“во Скопје во 1977 година (денес: Факултет за физичко, образование, спорт и здравје) но и огромниот пионерски придонес во примената на современите статистички методи и техники на истражувањето како основен предуслов за нови објективни научни сознанија, го направија професорот Наумовски пример за врвен научникод областа на кинезиологијата.
Професорот Александар Наумовски е роден во Битола, на 5 јануари 1946 година, каде што завршил гимназија-отсек за физичка култура (1965 година). Бил еден од најдобрите ученици во гимназијата, но и еден од најдобрите спортисти во спортска гимнастика.

Студирал на Високата школа за физичко воспитување во Белград, каде што и дипломирал во 1969 година. Во периодот 1971-1975 година, е ангажиран како професор по физичко воспитување во средно училиште во Битола, додека во периодот 1975-1979 година, работно е ангажиран како стручен соработник и советник во Републичкиот комитет за физичка култура при Извршниот совет на Македонија.
Во 1975 година, магистрира на Факултетот за физичко воспитување во Белград, со што се стекна со степен на научно звање – магистерна науките во областа на физичката култура. Во 1981година, на Факултетот за физичка култура во Белград, се стекнал со звањето доктор на науките во областа на физичката култура.
Во 1978 година, Наумовски е избран во звањето предвач по Методологија на истражувањето со статистика на ново-основаниот Факултет за физичка култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, додека во 1981 година, на истиот факултет, избран е во звањето доцент по Методологија на истражувањето со статистика. Во 1986 година, избран е во звањето вонреден професор додека во 1991 година, избран е во звањето редовен професор по Методологија на истражувањето со статистика на Факултет за физичка култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Во 1996 година, е избран во трајно звање редовен професор по Методологија на истражувањето со статистика на Факултет за физичка култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

Големата посветеност бешеосновна причина професорот Александар Наумовскипостојано да се соочува со големи творечки професионални и животни предизвици: деноноќно да втемелува, да гради и да развива. Професорот Наумовски овие предизвици ги совладуваше благодарение на неговата способност, научна поткованост и стручност, но и со неговата дарба за аналитички, систематски, објективен, рационален, прагматичен и креативен пристап.
Исклучителновешт и беспрекорно педантен, делата во организирањето и развојот на физичката култура и спортот како и наставно-научната дејност во Република Македонија, го направија Наумовски основоположник на научната област Методологија на истражувањето со статистика, но и стандард во научната работа за секој што сака да се занимава со оваа извонредно тешка професија.
Во периодот 1990-2013 година, со голем ентузијазам одржуваше предавања по Методологија и статистика на одделни факултети на универзитетите во Ниш, Нови Сад, Штип и Битола, чии предавања со големо интересирање биле следени од студентите.

Професор д-р сци. Александар Наумовски во 2012 година, бил акредитиран за менторство за докторски студии од Одборот за акредитација при Министерството за образование и наука на Република Македонија во подрачјето Кинезиологија на Факултетот за физичка култура при Универзитет „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
Бил ментор на магистерски и докторски дисертации (околу 15) и член на комисии за одбрана на повеќе докторски дисертаци и магистерски тези, како и рецензент на други автори на книги објавени на Факултетот за физичка култура, како и други факултети.

Професор д-р сци. Александар Наумовски скоро една деценија бил основач и раководител на постдипломски студии на Факултетот за физичка култура од Скопје. Воедно, бил претседател и член на рецензентски комисии за избор на наставници во највисоките звања (редовни професори) на Факултетот за физичка култура и на други факултети во Европа.
Професорот Наумовски, со својата научноистражувачка дејност и реализирани истражувања длабоко проникна во разјаснување на значајни прашања од областа на кинезиологијата а неговите трудови се многу цитирани во научни списанија во земјава и во странство. Неговата посветеност на проблемите поврзани во кинезиологијата резултираше со публикување нанад 200 научни и професионални статии во домашни и меѓународни списанија, како и зборници од научни собири од областа на спортот, физичкото образование и кинезиологијата, од кои најбројни се научни. Публикувал над 10 учебници и посебно научни публикации и воедно, реализирал 11 (пред сé, како раководител)национални и меѓународни – билатерални повеќе-годишни научно-истражувачки проекти, за истражување на физичките и функционалните способности. Во нив е и тригодишниот заеднички проект (Мерни карактеристики на некои тестови за проценување на моторните латентни димензии кај спотистите од Македонија и Бугарија) кој е реализиран од истражувачки екипи на Националната Спортска Академија “Васил Левски” – Софија и на Факултетот за физичка култура – Скопје.

Една од значајните истражувања е Валоризација на спорските активности во СР Македонија(1988), кое може да има апликативен карактер, а добиената валоризација е од посебна значење за изработка на мерила, критериуми и стандарди за креирање на развојните програмскли стратегии на спортските активности и физичката култура во нашата земја. Оваа истражување е со непроценливо значење и за конципирање на програмската ориентација при определбата за приоритетите во развојот на спортските активности во Република Македонија. Истражувањето има трајна вредност, бидејќи е базирано врз современа научна основа и примена на современи методи и техники на истражувања.
Во рамките на издавачката дејност, Професор д-р сци. Александар Наумовски бил:
-Главен и одговорен уредник на списанието „Физичка култура” кое од 2011 година е индексирано од повеќе светски афирмирани библиографски институции на база на податоци, продолжува да се публикува со наслов „ResearchinKinesiolgy” (1984 до 2017година);
-Главен и одговорен уредник на списанието „Activitiesinphysicaleducationandsport“ кое е индексирано од повеќе светски афирмирани библиографски институции на база на податоци (2011 до 2017 година),
-Главен и одговорен уредник на Библиографија 1973-1998 – списание „Физичка култура”, Издавач: Сојуз на спортските педагози на Република Македонија(1998);
-Главен и одговорен уредник на „30 години Библиографија 1971-2001 – на стручни научни трудови во педиодичните изданија на физичката култура во република Македонија. Издавач: Сојуз на спортските педагози на Република Македонија (2001 година).

Трудовите кои се објавени во горе наведените списанија, како и имињата на нивните автори, се многу успешни и почитувани, додека уредувачките одбори на тие списанија укажуваат на вистинското најголемо признание што го има добиено нашиот професор Наумовски.

Во периодот од 1975 година до 2017 година, професорот Наумовски учествувал во организацијата или со статитии на над 150 професионални или научни собири. Од 1996-2017 година, понепосредно учествувал во организацијата на два конгреси за спортот и физичкото воспитание на Република македонија, 21 традиционален меѓународен симпозиум за физичкото образование и спорт на младите и 15 меѓународни научни конференции, кои во соработка со други инстутуции ги има организирано Федерацијата на спортските педагози на Македонија.
Професор д-р сци. Александар Наумовски остваруваше многу богата меѓународна активност и соработка:
-учествувал на голем број научни собири во повеќе земји со реферати, од кои значаен дел биле воведни;
-од 1978 до 2017 година, во различни временски периоди или континуирано, бил или е член на Програмскиот научен одбор на повеќе меѓународни научни собири од областа на физичкото воспитание и спортот.
-од 1982 до 2017 година, во различни временски периоди или континуирано, бил член на Ρедакцискиот обор или Советот на повеќемеѓународни научни списанија од кои повеќето се индексирани, а дел од нив и со фактор на влијание: Kinesiology (Хрватска), CollegiumAntropologicum(Хрватска), Facta Universitatis (Србија), Acta Kinesiologica (Босна и Херцеговина), SportLogia (Босна и Херцеговина), Menađment u sportu (Србија) и други.
-1992 година до 2017 година, бил рецензент на статиите во одделни списанија и зборници од научни собири.

Професорот Наумовски е носител на голем број награди:
-1983 година, посебна Благодарница од Советот на списанието “Физичка култура” за неговото успешното десетгодишно публикување.
-1983 година, Златна значка од Сојузот на педагозите по физичка култура на Југославија за долгогодишна и успешна работа во унапредувањето на физичкото воспитание во воспино образовните организации.
-1995 година, Признание од спортските педагози на Република Македонија со кое е прогласен за истакнат научен работник во спортот.
-2012 година, Повелба во знак на признание за придонес во развојот и унапредувањето на наставно-образовната и научната дејност на универзитет „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
-2013 година, Златници од Федерацијата на спортските педагози на Република Македонија, во знак на признание по повод на Јубилејот 60 години (1953-2013) на Федерацијата на спортските педагози на Република Македонија, и Јубилејот 40- години од публикувањето на списанието “Физичка култура”/„Research in Kinesiology”.
-2014 година, Почесен професор на Националната спортска академија „Васил Левски”-Софија, Бугарија.

Професорот Александар Наумовски бил ангажиран во различни научни организации, како:
-член на Претседателството на Сојузот за физичка култура на Македонија (1976-1980),
-член на Претседателството на Југословенскиот олимписки комитет (1977-1980),
-претседател на Федерацијата на спортските педагози на Република Македонија (1995-2017).

Благодарение на неговиот неуморен и креативен творечки дух, аналитичкиот приод и критична мисла во реализацијата на научно-истражувачките проекти, постигнатите резултати од секое тематско подрачје имаат неодминлива и трајна вредност, која претставува обемен стручен и научен капитален труд, во кој, врз современа научна основа се опфатени и обработени бројни прашања од областа на физичкото воспитување и спортот.
Врз основа на сите придонеси и вредности, слободно може да се констатира дека професор д-р сци. Александар Наумовски, беше вистински универзитетски професор, не само поради огромните знаења и моќта да ги пренесе со својот ентузијазам и позитивна енергија, богатиот и голем творечки опус, пошироките општествени вредности кои ги поседуваше, високата култура и елоквентност туку и во способноста за актуелизирање и давање на сопствени предлози и решенија за современи и актуелни различни сложени прашања во физичкото образование и спортот, во чие решавање учествуваше со современ пристап, одговорно, креативно, колегијално и совесно. Во сите пригоди, неговиот збор, предавања, презентаци и говори, беа високо ценети и со посебен фокус и внимание слушани, бидејќи беа содржајни, со големо знаење и умеење, како и презентирани со највисок универзитетски стил.

Разбирливо е дека од еден ваков кус приказ не би можело да се добие поширока и поцелосна претстава за големите и значајни остварувања на професор д-р сци. Александар Наумовски, како во однос на неговиот научен опус, така и околу неговата ангажираност во формирањето и развојот на наставно-научните институции, а пред се на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, научните и стручните кадри. Тоа за една ваква пригода не е ни возможно, меѓутоа, за среќа, постојат голем број пишани документи, кои сведочат за вкупниотпридонес на професорот, а во натамошниот период се инспирација за реализирање на посодржајна и поцелосна анализа.

На крајот, сакам да напоменам дека, предлогот да ја напишам ова in memoriam, ме стави во една специфична ситуација, бидејќи верувам дека оваа улога на било кој не е лесна задача, од две причини. Првата, Професор д-р сци. Александар Наумовскибил мој ментор, соработник во реализацијата на неколку значајни истражувања, како и мој долгогодишен подржувач и консултант во реализацијата на бројни значајни проекти. Втората причина е неговиот исклучително богат и плоден научно-истражувачи опус, организаторски и креативни способности и бројните остварувања во животот, кој за жал го заврши прерано. Од тие причини, мошне тешко е да се набројатсите плодни и значајни остварувањана професорот.

На крајот ќе го цитирам професорот Вихрен Бачев, кој во епидектичкиот говор на последното испраќање на професорот Наумовски, меѓу другото го кажа следното:

“Професоре Наумовски, една од многубројните награди е Вашата титула почесен професор на Националната спортска академија „Васил Левски“ во Софија, Бугарија, која ве става на еднакво рамниште соличности како Симеон Сакскобурготски, Хоан Антонио Самаранч, проф. Бруно Гранди, Жак Рог, Томас Бах, Проф. Примо Небиоло, Франц Бекенбауер, Сергеј Бубка, проф. Владимир Платонов, Рубен Акоста, д-р Адолф Оги, Моринари Ватанабе.Она што е забележително во овој случај е тоа што, драг професоре и ценет пријателе, со Вие сте првиот и до скоро, единствениот од Балканскиот регион што го носи ова високо признание !“.